Хрватска во шок: Почина 22-годишен одбојкар од срцев удар

Младиот одбојкар на Младост, Андрес Фелипе Руиз синоќа починал од срцев удар, јавуваат хрватските медиуми.

Одбојкарскиот свет е обвиен во црно по шокантната вест за смртта на 22-годишниот Колумбиец.

„Не знам што да ви кажам, не можам да си дојдам на себе“, вели тренерот на Младост, Иван Ранчиќ, кој моментално е со хрватската репрезентација. „Ми беше еден од омилените играчи кои некогаш сум ги тренирал во кариерата, а беа навистина многу“, изјави Ранчиќ за хрватските медиуми.

Руиз изминативе две сезони настапувал за хрватскиот вицепрвак, а откако летово му истекол договорот, раководството на клубот започнало преговори за продолжување на соработката. Во клубот наместо Андрес му дале хрватско име и го нарекувале Андрија.

„Денес е тажен ден за нашиот клуб, засекогаш не напушти еден од омилените играчи, духот на нашиот тим, нашиот Андрија Руиз. Секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Сега леташ високо со ангелите, ние никогаш нема да те заборавиме“, напиша на „Фејсбук“ неговиот клуб, Младост.