Херојскиот подвиг на одбојкарите на Македонија силно одекна низ цела Европа!

Одбојкарите синоќа испишаа уште една блескава страница од историјата на македонскиот спорт, откако влегоа во друштво на кошаркарите и на ракометарите и се пласираа на завршен турнир од едно Европско првенство (ЕП).

За победата над Унгарија, но и претходните услуги кои ни ги направија Летонија и Шведска со победите над Израел односно Азербејџан, кај нас очекувано се пишува на големо, но успехот не остана незабележан и пошироко. За дебитантскиот пласман на Македонија, но и на Црна Гора пишуваат буквално сите специјализирани медиуми за овој спорт ширум Европа, а на Балканот сме меѓу првите вести во речиси сите спортски информативни сајтови и телевизии.

Малата Македонија во уште еден спорт ќе ги предизвика големите спортски сили, што секако беше инспирација и за Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ) да посвети напис на успехот на нашите „спартанци“.

Жолто-црвените ќе настапат на континенталниот собир кој ќе се одржи од 13 до 29 септември и тоа за првпат во четири различни земји – Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Тие очекувано се во последниот барабан за ждрепката, а засега е познато дека не може да играме во иста група со Украина со која биевме битка во квалификациите.