Херојот Ѓорѓиев: Ние имаме срце ко планина!

Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, го одигра еден од најдобрите мечеви во кариерата, откако „црвено - жолтите“ ја забележаа првата победа на дебитантското учество на ЕП во Словенија.

Ѓорѓиев на натпреварот забележа одлични 37 поени и беше вистински лидер на Македонија во победата над Белорусија со 3-1 во сетови.

Ова беше најважниот меч за нас во историјата - го добивме. Многу сум среќен, ова за мене е историја. Јас како капитен, ова е моја екипа, мое сѐ. Затоа бев толку тажен после мечот со Финска и Турција, бидејќи знаев дека ние навистина можеме. Ова не е селекција која лесно може да ја добијат. Имаме срце, имаме душа, бевме понесени од атмосферата, па затоа не го покажавме тоа на терен. Можеби зборот историја ни влезе во главата. Ова е голема победа, победа извојувана со срце ко планина. Како минува првенството така ние играме подобро, затоа сметам дека утре ќе одиграме уште еден одличен меч, изјави капитенот Ѓорѓиев.