Ѓорѓиев: Да ја „смениме плочата“ и за промена да победиме едно финале!

Петта година по ред македонските одбојкари се наоѓаат на истата позиција, почеток на Европската лига, но овој пат со посилна од кога било желба за освојување на пехарот. Пред утрешниот почеток на натпреварите, на гости кај Косово, репрезентативците и новиот селектор, Љубомир Травица ги соопштија очекувањата и размислувањата пред ова лето богато со можности.

Капитенот Никола Ѓорѓиев веднаш сподели како се чувствуваат и кои се нивните амбиции. Ако е можно и да се победи на Европската лига и да се обезбеди пласман на ЕП, преку квалификациите кои ќе почнат кон крајот на летово. Прва е Европската лига, овој пат во нов модел, наречена Сребрена лига и со мало олеснување за Македонија. Ние сме организатори на Ф4 турнирот на 15 и 16 јуни, така што не треба да му ја мислиме дали ќе обезбедиме пласман.

„Нѐ чека напорно лето, пред нас е новото издание на Европската лига, во август почнуваат квалификациите, а ќе играме и на Медитеранските игри. Желбата е да оствариме добри резултати на сите тие натпреварувања, не би се пријавувале ако немавме амбиции. Прв чекор е Европската лига, оваа година сме порастоварени, бидејќи имаме директен пласман на Ф4-турнирот, како домаќини. Тоа е големо олеснување, нема притисоци дали ќе се пласираме, кое место итн. Со мислите сме на 15 јуни, ама тоа не значи дека на овие шест натпревари ќе смиеме. Напротив, ќе дадеме максимум, во тој состав кој ќе го имаме. Во моментов нѐ мачат некои повреди, но затоа имаме и нови момци, кои исто така се квалитетни, а верувам дека за нив ова натпреварување ќе биде голем поттик“, изјави капитанот.

Почнуваме утре против Косово (16.30 ч.), а три дена потоа имаме гостување во Летонија, пред да го пречекаме последниот ривал од групата Австрија, на 27 мај.

„Не знам апсолутни ништо за Косово. Некои момци кои играле таму ме информираа дека нема некои големи квалитети, но ќе видиме, ќе се увериме самите утре, а би било убаво да почнеме со три бода. Потоа веднаш нѐ очекува и гостување во Летонија. Тоа е една многу непредвидлива репрезентација, искоството со нив од минатото нѐ научи на тоа. Имавме пораз од нив во последните квалификации за ЕП, така што ќе ја сфатиме максимално. Имам познаник од нивниот тим, знам дека сериозно се подготвуваат и нивна цел е пласманот на Ф4 и очекуваат победа со нас“, ги сподели очекувањата Ѓорѓиев.

Од нашата група уште само една селекција, покрај Македонија, ќе се пласира на Ф4-турнирот, а останатите две ќе дојдат од групата Б, каде што се Белорусија, Хрватска, Унгарија и Албанија. Една од нив ќе ни биде противник во полуфинале, а потенцијално и во финалето и новата шанса за победа. Кој би бил најсериозниот конкурент?

„Не знам што да ви кажам за конкурентите. Јас би рекол најголем противник на нас сме ние. Ете три години по ред играме финале и го губиме и во сите три години полуфиналето и финалето се различни натпревари, како да не сме истата репрезентација. Дали тој збор финале, тој притисок го прави своето - не знам. Меѓутоа ова е изменета репрезентација, од овој состав само 3-4, всушност, сме играле финале, другите или не биле во составот или биле на клупа. Така што на нам, на тие три-четворица останува да ја сменеме плочата во глава и да одиграме најдобро кога ќе биде потребно“, поентира Ѓорѓиев.

Неговиот брат Ѓорѓи е сигурно надвор од комбинација за утрешниот натпревар, поради повреда на коленото, а во последен момент на подготовките не се приклучи Ѓоко Јосифов, така што со подновени сили, Македонија ќе се обиде да ја освои Сребрената европска лига и да се пласира во елитната, Златна лига за следната сезона.