Таткото на Хабиб: Мојата казна ќе биде пострашна од таа на УФЦ

Хабиб Нурмагомедов можеби го совлада Конот Мекгрегор во борбата за светската титула во лесна категорија во УФЦ, но Русинот ја разочара светската јавност откако предизвика вистински хаос по борбата во Лас Вегас. 

Тој се прекачи преку оградата од октагонот и го нападна тренерот на Мекгрегор. Сега ќе следат санкции од УФЦ, но Нурмагомедов уште на прес-конференција по мечот изјави дека најмногу се плаши од тоа што ќе му направи неговиот татко по дивјачкото однесување.

Абдулманап Нурмагомедов уште по борбата на својот „Инстаграм“-профил напиша дека тој не го научил својот син да се однесува така, а истото го потврди и за таблоидот „Сан“.

„Во октагонот може да прави што сака, но надвор од него има деца, жени и навивачи. Мојот тим секогаш бил познат по својата дисциплина. Мојата казна за Хабиб ќе биде многу пострашна од таа на УФЦ. Надвор од рингот, постапките мора да бидат мирољубиви“, изјавил Абдулманап Нурмагомедов.

Хабиб очигледно со право се плаши од својот татко, кој го тренира долго време. Засега нема официјална казна за неговите постапки во Лас Вегас, но медиумите во САД шпекулираат дека ќе мора да плати дебела парична казна, а можеби ќе мора да паузира од борбите во УФЦ на подолго време.