Нурмагомедов со сериозни закани до управата на УФЦ!

Шампионот во лесна категорија во УФЦ, Хабиб Нурмагомедов, испрати писмо до управата на УФЦ и Дена Вајт.

Вајт по хаосот во Лас Вегас по борбата помеѓу Нурмагомедов и Конор Мекгрегор најави откази за луѓето од тимот на Хабиб и тоа поради нападот врз Ирецот.

Меѓутоа, Нурмагомедов денеска порача дека нема лесно да се откаже од својот брат на кој му беше откажан дуелот и дека УФЦ може да заборави на давање отказ на Зубаир Тухугов, кој го удри Мекгрегор.

„Зошто не отпуштивте никој од нивниот тим кога го нападнаа автобусот и повредија многу луѓе? Можеа некого да убијат. Зошто никој не зборува за навредувањето на мојата земја, религија, семејство? Зошто го казнувате мојот тим, кога двата тима учествуваа во тепачката. Ако кажете дека јас сум го почнал тоа, не се сложувам“, напиша Хабиб.

Нурмагомедов се закани дека и тој ќе си замине од УФЦ доколку му биде прекинат договорот на Тухугов.

„Ако некој мора да го казните, тогаш тоа нека бидам јас. Тухугов нема ништо со тоа. Ако мислите дека ќе молчам поради тоа, сте се излажале. Ако сакате да го отпуштите него, тогаш ќе ме загубите и мене. Ние во Русија не се откажуваме од браќата“, се закани Нурмагомедов.

 Исто така, борецот кажа дека не му биле потребни парите кои му ги одземале.

„Уште една работа. Може да ги задржите парите кои ми ги земавте. Очигледно сте зафатени со тоа и се надевам дека нема да ви запрат во грло. Ние ја браневме својата чест и тоа е најважна работа“, порача Хабиб.