Нурмагомедов ќе има рекордна заработувачка ако му даде реванш на Мекгрегор

Хабиб Нурмагомедов го победи Конор Мекгрегор со давење во четвртата рунда на УФЦ 229 во Лас Вегас, но Ирецот веднаш преку социјалните мрежи побара реванш.

Ова би можело да го искористи Нурмагомедов, кој би можел овојпат да добие рекордна сума на пари за да му даде реванш на Мекгрегор.

Во минатата борба Мекгрегор доби три милиони долари, додека за победникот во дуелот, односно Нурмагомедов следуваа два милиони.

Сепак, тоа сега ќе се промени, па наводно УФЦ-борецот од Дагестан побарал дури пет милиони долари за да му даде реванш на Мекгрегор, додека заработувачката на Ирецот не е позната.

„Доколку Мекгрегор сака реванш, тогаш Хабиб ќе има рекордна заработувачка. Ми кажа дека ќе бара многу пари за да му дозволи на Ирецот да се пресметаат повторно“, кажа американскиот борец, Лук Рокхолд.

Рокхолд ја објасни и борбата помеѓу двајцата борци, па кажа дека Хабиб има многу подобра техника од Ирецот.

„Хабиб се бореше како што знае, го стави противничкот во непријатна позиција и потоа го претепа. Конор успеа да издржи, но Хабиб има одлична техника. Тој е нескршлив и Мекгрегор ќе си има проблеми доколку повторно се борат“, објасни Американецот.