Нурмагомедов и Мекгрегор заработија суспензии од УФЦ!

Двајцата ултимејтфајтери Хабиб Нурмагомедов и Конор Мекгрегор, кои цела недела се главна вест во светот, по нивната епска пресметка во октагонот во Лас Вегас во неделата наутро, добија суспензии од УФЦ, објави „ЕСПН“ доцна синоќа.

Двајцата добија суспензија поради хаосот што го направија по завршувањето на мечот. Нурмагомедов го прескокна октагонот за да се пресмета со дел од тренерите на Ирецот околу борилиштето, па направи невиден скандал, а Мекгрегор потоа влезе во клинч во октагонот со тренерите на Дагестанецот.

Овие двајца ултимејтфајтери сега добиваат привремена суспензија од комисијата на Невада за нивниот однос, но засега нема детали од УФЦ, колку ќе трае таа суспензија на двете големи ѕвезди во овој исклучително брутален спорт.

Нурмагомедов пред еден ден остана без парите што требаше да ги заработи за победата, но го задржа шампионскиот појас, иако постоеа најави дека за хаосот што го предизвика би можел и него да го загуби. Мекгрегор, пак, доби „суспензија“ од еден месец од медицинската комисија на УФЦ поради тешките повреди.