Хабиб заглавен во Русија, а УФЦ најде друг да се бори за појас со Фергусон!

Љубителите на УФЦ и понатаму ќе продолжат да копнеат по мегапресметката меѓу Хабиб Нурмагомедов и Тони Фергусон, но затоа првиот човек на организацијата, Дејна Вајт, не губеше време официјализира дека најде замена за Дагестанецот за спектаклот закажан за 18 април.

Долгоочекуваниот УФЦ 249, сепак, ќе се случи, но главна борба на него ќе биде Тони Фергусон против Џастин Гејчи. Американецот Гејчи, како четврторангиран во лесна категорија (70кг) се покажа како најлогична замена за Хабиб Нурмагомедов, кој не може да стигне до САД поради затворените граници на Русија.

Хабиб, како апсолутен и непоразен шампион во оваа категорија, требаше да се бори со Фергусон, првиот предизвикувач, кој исто како и Дагестанецот, има 12 победи по ред. Сепак, Нурмагомедов се врати во Русија, Путин ги затвори границите на својата земја и невозможно беше ниту борецот да замине во Лас Вегас, ниту Фергусон да дојде во Москва.

По многу препукувања на социјалните мрежи, навреди и посочувања, Дејна Вајт попладнево се јави со потврда:

„Борбата е потпишана и 100 проценти ќе ја има во живо на ЕСПН, некаде на планетата Земја. Тони Фергусон против Џастин Гејчи“  .

 

Тоа значи дека, според правилата, Нурмагомедов привремено ќе биде во мирување како шампион, бидејќи не успеа да одговори на предизвикувачот, а Фергусон и Гејчи ќе се борат за титулата привремен шампион во лесна категорија. Откако ситуацијата со коронавирусот ќе се среди, УФЦ ќе биде должен да организира нова борба меѓу победникот од оваа на 18 април и Хабиб Нурмагомедов, за апсолтната шампионска титула.

Од твитот на Дејна Вајт се гледа дека уште ќе се преговара за локација, иако првичната арена беше салата во Бруклин, Њујорк. Поради тоа што „Големото јаболко“ е опасно жариште на Ковид-19 во моментов, многу веројатно е локацијата да биде приватниот октагон на УФЦ во Лас Вегас, се разбира, без публика.

Што се однесува до борците, Фергусон е веќе познат како некрунисан шампион во лесна категорија, бидејќи веќе петти пат се одложува борбата меѓу него и Хабиб Нурмагомедов, а само еднаш го освои привремениот појас, како овој што му се нуди сега. Гејчи, пак, е релативно понов во УФЦ, со четири победи и два пораза и сите шест борби со предвремен крај.