Две сребрени и еден бронзен медал за универзитетската репрезентација на Македонија

Македонската универзитетска карате репрезентација на Светскиот куп во боречки спортови што се одржува во Самсун, Турција оствари одличен успех со три освоени медали и три петти места. 

Машката репрезентација денеска го освои сребрениот медал откако во финалето загуби од репрезентацијата на Јордан со резултат 1-3. Екипата ја сочинуваа Петар Спасеновски, Давид Петков, Димитар Илиевски, Глигор Петков и Петар Заборски.

Нашиот тим во женска конкуренција исто така настапи во финалето и загуби со резултат 0-2 од репрезентацијата на Хрватска. Тимот настапи во состав Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска , Марија Петровска и Моника Пендаровска.

Во поединечна конкуренција нашиот репрезентативец Давид Петков -67 килограми, успеа во борбата за бронзен медал да го совлада украинскиот репрезентативец Давид Јановски со резултат 1-0.

Ангела Мојсовска (-68 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Марија Петровска (-55 кг.) завршија како петто пласирани во своите тежински категории, сите  загубија во борбите за бронзени медали.

„Задоволни и горди сме од постигнатиот спортски резултат. Успеавме да освоиме две сребрени и една бронзена медала и секако три високи пласмани на петтото место. Тоа е доказ дека ние имавме одличен настап и на ова големо натпреварување од страна на сите наши избраници. Ова е селекција веќе е докажана како многу квалитетна  и продолжува да не радува со постигнување на големи спортски резултати. Со малку среќа можевме да имаме и двојно повеќе медали. Тоа значи дека го поседуваме квалитетот на високо технички дотерани и подготвени врвни натпреварувачи и сега само треба да го чекаме моментот кога секој од нив ќе биде медалист на некое следно првенство. Сакам да истакнам дека оваа генерација на каратисти во машка конкуренција се издвојуваат како најуспешна студентска генерација, бидејќи тие се единствени кои успеале да бидат три пати финалисти во дисциплината екипно борби. Два пати успеваат на Eвропските Универзијади првично во Загреб, каде што успеаја да го освојат најнапред европскиот сребрен и по две години и златен медал на следните универзитетски игри во Лоѓ, а сега еве успеваат да станат и сребрени медалисти на еден светски натпревар во карате спортот“, изјави селекторот на репрезентацијата Бошко Заборски.