Ќе има дочек и за европскиот првак во борење, ама не на плоштад туку кај – Скендербег!

Златниот медал на Бесар Алили на кадетското Европско првенство (ЕП) во борење во Фиренца вчера буквално ја сплоти цела држава, освојувајќи ги срцата на сите без разликата на верската и национална припадност, пред сѐ со начинот на кој го прослави големиот успех веејќи го знамето на Македонија.

На социјалните мрежи веднаш се појавија коментари дека младото момче од клубот Лирија заслужува грандиозен дочек како што неодамна имаа ракометарите на Вардар и пред сѐ да мине низ Триумфалната капија како голем победник. За Алили ќе има дочек денеска, но тој нема да биде на очекуваното место каде што биле сите наши досегашни големи прослави (5. место на ракометарите, 4. место на кошаркарите, двете европски круни на Вардар), туку на плоштадот кај споменикот на Скендербег.

„Општина Чаир и боречкиот клуб Лирија остварија координативен состанок за организирање на свечен пречек на европскиот шампион во борење Бесир Алили. Ве покануваме денеска во 18 часот во плоштадот Скендербег да го пречекаме со дигнитет и еуфорија тој што ни го обелодени образот и со освоениот златен медал на европското првенство во борење и нѐ направи сите да се чувствуваме горди“, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Алили во финалето славеше со 7-6 против Харутјун Хованисјан од Ерменија, со што по долги сушни години донесе златен медал за Македонија од едно големо европско натпреварување. На патот до успехот тој претходно ги совлада Оскар Кулчицки од Полска, Андреј Витан од Молдавија и Лука Гугешашвили од Грузија.