Хабиб Нурмагомедов се сликаше со бело кече и со книгата на Шабан Трстена! (ФОТО)

Светскиот шампион во лесна категорија во ултимејтфајт во УФЦ-серијата, Хабиб Нурмагомедов, му искажа голема чест на македонскиот златен олимпиец Шабан Трстена, откако објави фотографија на која носи кече, а во раката држи копија од книгата на нашиот борач „Патот на олимпискиот шампион“.

Русинот од Дагестан стана екстремно славен и популарен, откако во октомври минатата година го совлада Ирецот Конор Мекгрегор.

„Нурмагомедов ги прифати двата подароци кои му ги испратив пред извесно време и се фотографира со бело кече и со мојата книга. Фотографијата ја објави и потоа ја испрати до мене како доказ на респектот кој го има. Тој е голем шампион, кој е премногу скромен. Истовремено му се заблагодарувам на Хабиб за подароците (руска шубара – н.з.) кои неодамна ми ги испрати“, напиша прославениот македонски борач.

Трстена го освои златен медал на Олимписките игри во Лос Анѓелес во 1984 година и сребро четири години подоцна во Сеул, а во својата ризница има две злата од европските шампионати, една светска бронза и три златни медали од Медитеранските игри. Тој е еден од најсериозните кандидати за функцијата претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) по завршувањето на сегашниот мандат на Васил Тупурковски во 2020 година.