Македонија го доби првиот спортист со норма за настап на ЛОИ 2020 во Токио!

Македонскиот спорт по подолго време ќе има најмалку еден спортист со обезбедена норма на Олимписките игри в година во Токио, откако борачот Могамедгаџи Нуров го победи Молдавецот Николаи Чебан со 2-1 во денешниот репасаж на Светското првенство (СП) во Казахстан и воедно се избори за шанса да се бори за бронзен медал на ова натпреварување.

Ова е прва олимписка норма за еден наш спортист по дури 12 години, откако на последните три ЛОИ настапувавме само со специјални покани, а последни кои го сторија тоа беа кајакарот Атанас Николовски и борачот Мирад Рамазанов на ЛОИ 2008 во Пекинг. Нуров се бори во категоријата до 97 килограми, а во битката за одличје ќе ги одмери силите со домашниот борач Алишер Јергали.

На СП во Нур Султан (поранешна Астана), македонскиот борач прво го совлада Хосам Мерџани од Египет со 9-1, потоа беше подобар од Хозе Даниел Дијаз од Венецуела со 7-2, а загуби од еден од најдобрите светски борачи, Русинот Абдулрашид Садулаев со 0-6.