Добра вест: Тренерот на борачите на Вардар пуштен на домашно лекување

Одлични вести ни доаѓаат од македонското борење, откако поранешниот македонски и југословенски репрезентативец, Проф. Љубиша Пешко, се излечи од коронавирусот и моментно е пуштен на домашно лекување.

Селекторот на македонската репрезентација во грчко-римски стил, како и прв човек на БК Вардар, на својот Фејсбук-профил се пофали дека успеал да ја надмине лошата заразна болест која досега зема многу животи низ светот.

Инаку, Пешко беше редовен учесник на Европските и Светските првенства во категоријата до 74 килограми. Уште на свои 18 години, во 1986, стана сениорски репрезентативец на Македонија, под водство на Насе Насев. 

Во успешната боречка кариера ги бранеше боите на Спартак Руен и на европскиот и светскиот клубски првак Бучим Јака. По завршените студии на Факултет за физичка култура во Скопје почна да работи како професионален тренер, прво во Спартак од Кочани, од 1996 до 1999, а потоа од 1999 до 2003 во БК Вардар. Во 2004 замина на постојан престој и работа во Стокхолм, каде што активно работеше во два боречки клуба.

Во 2013 гододина го регенерира БК Вардар како шеф на стручниот штаб и главен спонзор на клубот, а како селектор на македонската репрезентација настапи и на неколку глобални спортски настани.