Младиот борец Бесар Алили освои златен медал на кадетското Европско првенство во Фиренца во категорија до 48 кг (слободен стил), па вчера беше пречекан на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, а денеска доби награда од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Директорот на АМС, Дарко Каевски објави дека агенцијата го наградила Алили со еден милион денари.

„Во мое име и во името на Агенцијата за млади и спорт имав чест да му честитам на златното момче Бесир Алили кој ни се врати со златен медал од Европското Првенство за кадети во Фиренца, Италија.

Драго ми е што Бесир е дел од програмата при АМС за млади спортски надежи која што секојдневно стручно ги следи 30 тина индивидуални спортисти од Олимписките спортови и ги поддржува да партиципираат на големи натпреварувања како ова Европско првенство.

Бесир за овој голем подвиг ќе биде награден еднократн од страна на Агенцијата за млади и спорт со 1 милион денари.

Во наредниот период, очекувам нашиот Бесир да тренира напорно, и да ги слуша советите на неговиот тренер и со максимална посветеност еден ден да ги наследи големите имиња кои претставувале основа и придонеле во развојот на борењето во нашата држава“, напиша Каевски на Фејсбук.