Вајлдер и Фјури дебело ќе заработат од борбата за ВБЦ титулата

Деонтеј Вајлдер и Тајсон Фјури во недела рано наутро во Лас Вегас ќе се сретнат по втор пат во битка за светската титула во ВБЦ верзијата. 

Овие двајца боксери кон крајот на 2018 година боксуваа во Лос Анџелс во „Стејплс центарот“, а борбата заврши нерешено. И Вајлдер и Фјури се непоразени во своите кариера, но се чини дека во недела наутро еден од нив сигурно ќе го расипе својот рекорд.

Без разлика на победа или пораз, едно е јасно, а тоа е дека и двајцата тешкаши добро ќе заработат од борбата. Двајцата имаат загарантирани 5 милиони долари, како и дополнителни 25 милиони. Тоа значи по 30 милиони долари за секого, а тука не се пресметани и процентите од продажбата преку „пеј пер вју“ каналите на тв и стриминг сервисите.

Прогнозите се дека борбата преку „пеј пер вју“ најмалку ќе биде купена 600.000 пати, а најоптимистичките се дека ќе оди и до 2 милиони. Сето ова значи дека Вајлдер и Фјури ќе инкасираат неверојатна сума на пари, но да се надеваме дека ќе има барем сензационална борба.

Интересно е тоа што атлетската комисија на Невада го забрани традиционалното соочување на боксерите по официјалното мерење. Поради инцидентите на официјалната прес-конференција вчера, кога двајцата почнаа да се туркаат, па властите во Лас Вегас не сакаат да ризикуваат неспортско однесување и лош публицитет.

Вајлдер има скор од 42 победи, од кои дури 41 со нокаут, додека Фјури има 29 победи, од кои 20 со нокаут.