БФМ ангажира селектор од Куба за да го „најде“ новиот Аце Русевски!

Челниците на Боксерската федерација на Македонија (БФМ) на денешната прес-конференција меѓу другото го објавија и ангажирањето селектор од Куба, една од најбоксерските нации во светот, со цел овој спорт да се крене од дното и да дојде до на ниво како пред неколку децении кога имавме и боксери кои освојуваа медали на најголемите натпреварувања, односно да се обиде да најде наследник на нашиот најдобар боксер на сите времиња, Аце Русевски.

Станува збор за Хесус Сојет, кој работел во Куба, Холандија и Јапонија и кој доаѓа на иницијатива на претседателот на федерацијата, Примислав Димовски. Неговиот ангажман веќе почна да вродува со плод со оглед што кадетската репрезентација се врати со три медали од неодамнешниот турнир во Врбас.

„Се надеваме дека ќе продолжиме да остваруваме уште подобри резултати, а на моја иницијатива ангажиравме селектор од Куба. Станува збор за тренер кој работел во Куба, Холандија и Јапонија, и кој има големо искуство како боксер и тренер. Сојет е финалист на светско првенство и очекуваме да ни помогне во унапредување на боксот, кој сакаме да го вратиме на старите патеки и да го подобриме тренерскиот кадар“, изјави Димовски.

Тренерите Васко Цубалевски и Насер Харуни потенцираа дека освоените медали се поттик за уште повеќе работа и посветеност да се дојде до нови успеси. Златен медал во Врбас освои Ардијан Аземи во категоријата над 80 килограми, откако победи во две борби. Сребрен медал освои Ајхан Озман, а бронзата заврши на вратот на неговиот брат Илхан. Двајцата тренираат во Германија, настапуваат за Македонија и за нив ова се први медали од турнирите.

БФМ во моментов во Струга, под раководство на селекторот Сојет, одржува камп во три возрасни категории (вкупно 30 пионери, кадети и јуниори), кои ќе работат со селекторот на физички и технички план сѐ до 30. август.