Претседателските избори го поместија Скопскиот маратон

Овогодинешното издание на Скопскиот маратон ќе се одржи на 4 мај, еден ден порано од претходно предвидениот датум. 

Организаторите на оваа голема спортска манифестација се одлучија на ваков чекор, бидејќи маратонот се поклопува со одржувањето на вториот круг од претседателските избори во државата. 

„Датумот на Виз Ер Скопски маратон ние секогаш го одредуваме една година пред одржување на трката, тоа е една од нашите обврски кои ги имаме спрема меѓународните асоцијации ИААФ и АИМС. Па, од таму, не можевме да предвидеме дека на денот на одржување на 15-тиот Виз Ер Скопски маратон може да се одржат избори во државата. Затоа одлучивме после официјалното распишување на претседателските избори од страна на претседателот на Собранието, да го преместиме датумот на маратонот за еден ден порано. Ова нема да биде ниту прв, ниту последен пат да се случат вакви поместувања, како што во изминатото било случај и на други маратони во светот. Иако пријавувањето за маратонот е отворено уште од 15 септември 2018, моравме да се одлучиме на ваква тешка одлука, за нас, во овој момент како би избегнале поголеми штети и последици во организацијата во следниот период. Свесни сме дека оваа непопуларна мерка можеби нема да им се допадне на некои од досега пријавените учесници, посебно на странските тркачи, но се надеваме дека ќе наидеме на нивно разбирање“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски Маратон.