Наместо казна – награда: „Летачката на орли“ избрана за атлетичарка на годината!

Атлетичарката Дрита Ислами, чиј настап на годинешното Европско првенство (ЕП) во Берлин остана запаметено по катастрофален резултат на тартанот и голем скандал надвор од него, го доби признанието од Атлетската федерација на Македонија (АФМ) за најдобра во 2018 година и тоа во конкуренција на новата рекордерка во маратон и на 10.000 метри, Адријана Поп Арсова.

Ислами заврши убедливо последна во квалификациската трка на континенталниот собир во Германија, а веднаш потоа, како член на репрезентацијата на Македонија, се фотографираше со „летање орли“ односно со покажување албански иредентистички симбол. Ова предизвика бурна реакција во спортските кругови кај нас, особено што нејзиниот престој во Берлин беше платен од македонската држава и што со својот непромислен потег го прекрши Дисциплинскиот правилник. Таа се соочуваше со суспензија во траење од дури 12 месеци, но од АФМ наместо до крај да го испитаат овој случај и да одредат казна, тие дополнително ја наградија Ислами со признанието атлетичарка на годината.

Нивното објаснување е дека се воделе по бодовната табела на Светската атлетска федерација (ИААФ) каде што дури и последното место во квалификациите за ЕП носат повеќе поени од национални рекорди во дури две дисциплини. Разочарувањето кај Поп Арсова, која е првата македонска маратонка која најдолгата патека ја претчала под три часа, е огромно поради што таа не присуствуваше на доделбата на наградите на најдобрите за годината која изминува.