Македонија во Белград доби учесник на следното ЕП во сала!

Македонскиот атлетичар Јован Стојоски ќе трча на претстојното Европско првенство во атлетика во сала, откако денеска обезбеди норма во Белград, откако на атлетискиот митинг „Црвена Звезда“ во српската престолнина го освои првото место со 47,58 секунди и освои 1.069 бодови.

Стојоски со овој настап си обезбеди настап на ЕП во Торун од 5 до 7 март, а со истрчаното време се приближи на само девет стотинки од 34 години стариот македонски рекорд кој го држи Исмаил Мачев поставен во 1987 година. Нема воопшто да биде изненадување ако Стојоски наскоро, а можеби и на ЕП во сала го урне македонскиот рекорд.

Дарио Ивановски беше прв на 3.000 метри на овој митинг во Белград со истрчано време о 8:05,98 минути со што освои 1.042 бода, додека забележителен настап имаше и Милош Ранчиќ кој заврши како втор на истата делница, но со многу послабо време од 9:12,02 минути за да освои само 690 бодови. Дамјан Јакимовски беше трет со 11:30,30 минути за 186 бодови.

На митингот учествуваа уште неколку наши атлетичар(к)и, па Ана Божиновска на 60 метри истрча 8,26 секунди за 13-то место (819 бодови), а на 200 метри имаше време од 27,24 секунди за осмо место (804 бодови), Блажо Љушев на 60 метри истрча 7,51 секунда за 23-то место (697 бода), а во скок во далечина, рипна 6,42 метри за седмо место (798 бодови.)

Камелија Кајчевска на 60 метри истрча 8,72 секунди за 15-то место (693 бодови), Снежана Тунтевска на истата делница истрча 8,85 секунди за 18-то место (634 бодови), а на 200 метри истата атлетичарка истрча 30,51 секунда за 13-то место (566 бода).