АФМ: Не брзаме со осуда, ќе ѝ дадеме шанса на Ислами да го објасни инцидентот во Берлин!

Нема да брзаме и да се истрчуваме, туку ќе почекаме репрезентацијата да се врати од Берлин, да видиме што сите од нив имаат да кажат, а водачот на патот да поднесе извештај па дури потоа ќе решиме дали има потреба од дисциплинска постапка против некого од членовите на нашата експедиција на ЕП во Берлин.

Ова за „Спорт1“ го изјави генералниот секретар на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Дејан Ангеловски, како коментар за срамното однесување на атлетичарката Дрита Ислами, која покажуваше иредентистички симболи за време на престојот во Германија. Овој нејзин потег буквално ги запали социјалните мрежи, наидувајќи на огромна критика, пред сѐ поради фактот што таа во Берлин беше пратена и финансирана од Македонија.

„АФМ ги финансира сите македонски репрезентативци на големите натпреварувања, па така беше и овој пат за ЕП во Германија. Очекуваме наскоро да ги добиеме извештаите на сите членови, како и да видиме што Ислами има да каже во своја одбрана, дури тогаш ќе излеземе со наш став, кој секако ќе биде во склоп на нашите акти“, дополнува Ангеловски.

Атлетичарката кој пред неколку дена заврши како убедливо последна во квалификациите на 400 метри со пречки како единствена со резултат над една минута се соочува со можна суспензија од траење до дури 12 месеци. Нејзин најголем проблем е што во Етичкиот кодекс на АФМ е предвидено дека на вакви натпреварувања на репрезентативците не им е дозволено само да ги напуштаат хотелот, туку само во прошетки на целиот национален тим и секако во опрема со ознаки на државата која ја претставува.