Комисија со истечен мандат во 2017 решава кој ќе биде претседател на ФФМ во 2019! (ФОТО)

Тешко дека во скоро време ќе слегне прашината околу одржувањето на Изборното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија, закажано за в недела во Охрид, а на кое му претходи и војна помеѓу Агенцијата за млади и спорт и ФФМ.

Како што се доближува денот за избор на наследник на Илчо Ѓорѓиоски, а единствен кандидат е неговиот доскорешен заменик – Муамед Сејдини, од ден на ден се појавуваат материјали со кои се гледа дека досегашното владеење на оваа номенклатура било со – класичен фалсификат. И така веројатно ќе продолжи.

Неколку месеци по изборот (првичен) на Илчо Ѓорѓиоски за претседател на ФФМ, на седница на Управен Одбор на федерацијата одржана на 28 јануари 2013 година била донесена одлука да се избере Комисија за избори и тоа во состав: Владимир Гашевски, Бурим Сејдини и Горанчо Костовски. (ВИДИ ДОКУМЕНТ)

 

Таа комисија две години подоцна станува клучен фактор во сите (ре)избори на Ѓорѓиоски, зашто ги превзема сите ингеренции на Собранието околу верификација на мандатите на делегатите и давањето дозволи кој сѐ може да се кандидира за прв човек на Федерацијата. Дотогаш, Собранието, кое е највисок орган на ФФМ, даваше и верификуваше мандати на делегати, но од 27 јануари 2015 година, тие ингеренции ги презема Комисијата за избори. Одлука сосема спротивна на Статутот на ФФМ.

И оттогаш, Комисијата за избори игра главна улога во начинот на избор за делегати,  членови на УО, претседател на ФФМ и други клучни функции. Таа во името на Собранието (иако е понизок орган според Статутот) носи одлуки, а Собранието се доведува пред свршен чин да ги гласа одлуките на оваа Комисија. Поради таа Комисија се одложи и изборот за нов претседател на ФФМ, закажан за 1 септември 2018, затоа што беа одбиени сите кандидатури освен една – таа на Сашко Тасев (член на УО), кој подоцна самиот се откажа. Истата комисија сега на Муамед Сејдини му го чисти патот кон тронот на македонскиот фудбал.

Но, ако помисливте дека ова е главниот фалсификат, се лажете. Допрва доаѓа она вистинското.

Според одлуката од 28 јануари 2013 година, потпишана од тогашниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, трочлената Комисија има мандат од четири години и – нема право на реизбор! (ВИДИ ДОКУМЕНТ) Значи, има право да одлучува до 28 јануари 2017 година.

Но, тоа не важи.

Со одлука на Управниот одбор на ФФМ на 14 март 2017 година (два месеци по истекот на мандатот), Комисијата се проширува на пет члена, па покрај постоечката тројка додадени се Горан Киркински и Борче Размоски. Значи, останаа истите тројца од 2013 година (Гашевски, Сејдини и Костовски), кои немаа право да бидат реизбрани. (ВИДИ ДОКУМЕНТ).

Комисијата потоа продолжува да бира делегати, да им ги верификува мандатите, да носи критериуми за избор на претседател иако мандатот ѝ е завршен во јануари 2017 година.

Ова значи дека сите избори, именувања, верификации на мандати, одлуки за критериум за претседател оттогаш наваму, организирани од оваа Комисија, правно се неодржливи. Затоа што доаѓаат од луѓе на кои им завршил мандатот. Ова е исто како Барак Обама по завршувањето на вториот мандат за претседател на САД, да продолжи да владее со најмоќната држава во светот.

И ако мислите дека за сето ова може правно да се реагира – СЕ ЛАЖЕТЕ. Единствен суд кој може да ги оспори одлуките на оваа Комисија е Управниот суд на Македонија. А претседател на Управниот суд е токму Бурим Сејдини, член на фамознава Комисијата за избори на ФФМ. А тој, според Законот за судови и судии, не смее да членува во ниту една Комисија.

Добредојдовте во Фудбалската федерација на Македонија...